Кинотека на Македонија

  • image description3/25/2012 12:00:00 AM

На 29 април 1974 година е објавен Законот за формирање на Кинотеката на Македонија. Официјално, Кинотеката ја започнува својата работа во 1976 година, како институција од посебен интерес за Републиката, со задача да прибира, обработува, чува, заштитува и презентира филмови и филмски материјали од посебно уметничко, културно, научно, историско и друго општествено значење.

Со цел да се реализира вака дефинираната дејност, Кинотеката на Македонија комплетно е финансирана од Министерството за култура при Владата на Република Македонија.

Во 2005 година Кинотеката се пресели во нови простории на ул. Никола Русински бр.1 Архивските материјали, односно целокупната македонска филмска продукција (од 1905 година до денес), како и филмовите снимени од странски автори во Македонија во периодот до Втората Светска војна, се чуваат во посебен оддел, во депоа со контролирана температура и влажност, од 4 до 6 C° и 50% Ph. Останатите филмски материјали се наоѓаат во кинотечните депоа во околината на Скопје.

Во Кинотеката на Македонија постојат 3 оддели. Филмски архив или Оддел за заштита, чување и обработка на филмови и филмски материјали, потоа Одделот за документација, составен од одделението за пишана документација, фототеката и библиотеката, како и Одделот за јавна дејност, во кој е инкорпорирана и издавачката дејност на Кинотеката.

Кинотеката на Македонија располага со фонд од над 15.000 филмски копии, повеќе од 72.000 парчиња пропаганден материјал, фотографии и плакати, како и повеќе од 100.000 пишувани документи. Во состав на Кинотеката е и специјализираната библиотека со над 4.000 книги и списанија за историјата и теоријата на филмот, како и 32.500 прес-клипинзи. Кинотеката располага и со колекција на стари кинематографски апарати.

Кинотеката е членка на Меѓународната федерација на филмски архиви (FIAF) и на Европската асоцијација на кинотеки (ACE).


Одделение за прибирање, заштита, обработка и чување на филмови и филмски материјали

Филмски архив

Во филмскиот архив (Одделение за заштита, чување и обработка на филмови и филмски материјали) на Кинотеката на Македонија се собираат, чуваат, реставрираат, каталогизираат и обработуваат филмските материјали изработени, првенствено на филмска, но и на видео лента. Во филмскиот архив се депонирани над 6.000 наслови со 11.041 копии (филмски наслови и документација), или 44.363 ролни филмски материјал од националната, како и од странска продукција. 
Kонтакт: Игор СтарделовКире Велков


Одделение за пишувана и фотографска документација

Пишана документација

Одделението за пишана документација е задолжено да ги собира, заштитува и обработува пишаната граѓа и придружната документација од областа на филмот: синопсиси, сценарија, книги на снимање и други документи (авторски договори, договори за копродукции, лични документи на филмските автори и сл.). Досега, во овој оддел се собрани и обработени повеќе од 100.000 единици на разни документи и материјали.
Kонтакт: Деница Тодоровска

Фототека

Неразделен дел од филмското производство се и филмските фотографии, плакатите и другиот пропаганден материјал кој се чува во фототеката. Во неа се прибрани и обработени 37.045 фотографии и 5.142 плакати, како и 25.005 примероци друг пропаганден материјал (каталози, програми, афиши итн.). Тоа се вкупно 67.192 единици - само од националната продукција. Исто така, фототеката при Кинотеката на Македонија располага и со голем број плакати и пропаганден материјал од странската продукција.
Kонтакт: Силвана Јовановска

Библиотека

Во Кинотеката на Македонија постои и специјализирана библиотека за разни публикации (книги, периодика, списанија и сл.) од областа на филмската историја, теорија и естетика. Во библиотеката можат да се користат 3.472 единични наслови на книги и списанија. Освен овие наслови, на располагање на сите заинтересирани, стојат и повеќе од 30.000 исечоци (пресс цлиппинг) од дневниот и периодичниот печат.
Kонтакт: Бошко Груевски


Одделение за истражувачка, издавачка и јавна дејност

Јавна дејност

Одделот за јавна дејност изведува активности од областа на презентирањето, промоцијата и прикажувањето на филмските материјали што ги поседува Кинотеката - преку издавање на филмови, филмски и други материјали, како и преку организирање на разни ретроспективни манифестации и изложби - како во државава, така и во странство.
Kонтакт: Владимир Љ. Ангелов

Издавачка дејност

Меѓу другите активности на Кинотеката спаѓа и публикувањето и печатењето на разни публикации (книги, каталози, брошури) од областа на историјата и теоријата на филмот. Досега, Кинотеката има издадено 19 наслови. Кинотеката го издава и периодичното списание за историја, теорија и култура на филмот и другите уметности КИНОПИС, кое излегува двапати годишно. Освен тоа, од областа на електронското издаваштво, во 2000 година Кинотеката го издаде и мултимедијалниот ЦД-РОМ Векот на филмот во Македонија.
Kонтакт: Петар Волнаровски

Фотографии: