< Назад

МИНИСТЕРКАТА КАНЧЕСКА-МИЛЕВСКА ВО РАБОТНА ПОСЕТА НА КИНОТЕКА

  • image description12/1/2016 2:58:49 PM
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во вторникот, на 8-ми ноември, дојде во работна посета на Кинотеката на Македонија. Целта на посетата беше да се разгледаат тековните проекти на оваа национална институција и да се утврдат резултатите од завршените проекти во оваа година.
Директорот на Кинотеката, Бошко Грујоски, меѓу другото, ја запозна министерката Канческа-Милевска со проектот за Реконструција и санација на кровната површина на зградата во која се наоѓаат просториите на кинотеката, со кој летово беа покриени повеќе од 400 м2 оштетена површина. Со тоа долгогодишнаиот проблем со пропустливиот кров и навлегувањето на атмосферска вода/врнежи во холот на зградата, е решен на подолг период.
Министерката Канческа-Милевска исто така имаше можност да ја разгледа и презентацијата на Основниот проект за реконципирање на постојната музејска поставка, изработен во 2016 г. од страна на архитектонското студио „Тетрактис“, преку кој Кинотеката во текот на 2017 година ќе има можност да ја обнови и модернизира својата музејска поставка. Министерството за култура за овој проект ќе обезбеди повеќе од 18 милиони денари, а ќе бидат реновирани влезната партија, галерискиот простор, помошни простории, видеотеката и холот на објектот.
Концептот на постојаната изложба ќе биде надополнет и проширен, ќе бидат вклучени повеќе експонати и информации од историјата на македонската и светската кинематографија, понови технологии и механизми на нивно изложување кои ќе овозможат интерактивна комуникација на кинотеката со посетителите. Посебен дел од изложбата ќе биде посветен на историјатот на своевремено единствената продуцентска куќа во Македонија – „Вардар филм“ – кој во периодот по Втората светска војна па се до распаѓањето на Југославија беше организатор и реализатор на македонското филмско производство.
- Оваа музејска поставка, покрај културолошката димензија, ќе има и едукативна димензија – изјави Канческа-Милевска во оваа прилика. - Покрај ентериерното уредување, ќе има промена на целата инсталација, осветлување, промена на прозорци, врати... – со што министерката потврди дека ќе биде изведена потемелна реконструкција на просторот.
За време на работната посета стана збор и за проектот за Дигитализација и дигитална реставрација на режисерскиот опус на Бранко Гапо, благодарение на кој филмовите ИСТРЕЛ, МАКЕДОНСКА САГА, ДЕНОВИ НА ИСКУШЕНИЕ, НАЈДОЛГИОТ ПАТ, ВРЕМЕ БЕЗ ВОЈНА и ВРЕМЕ, ВОДИ подоцна ќе бидат издадени на ДВД и понудени на македонската публика.
Министерката и директорот Грујоски се сложија дека до крајот на декември јавноста ќе има можност да го погледне и видео-омажот за писателот Живко Чинго, по чии романи се снимени играните филмови ГОЛЕМАТА ВОДА и ТАТКО (КОЛНАТИ СМЕ, ИРИНА), а работел и сценарија за документарните филмови ЖЕД, ПОЛЕ и ПЧЕЛАРНИК. Видео-омажот е во својата завршна, постпродукциска фаза, а е во режија на Љубиша Георгиревски.

Фотографии: