< Назад

СРЕЌНИ ЛУЃЕ ЗАД ИЗВОНРЕДНО ФИЛМСКО ДЕЛО

  • image description2/14/2017 12:58:19 PM
Во преполнетата киносала на Кинотеката на Македонија, со проекција на СРЕЌНА НОВА ‘49 на Столе Попов, и во присуство на дел од екипата која беше вклучена во работата на филмот, во вторникот на 29-ти ноември беше одбележан значаен јубилеј за македонската кинематографија – 30 години од премиерата на овој македонски филм.
По освојувањето на голем дел од главните награди на 33. Филмски фестивал во Пула во  јули 1986 година, СРЕЌНА НОВА ’49  ја има својата македонска премиера во Скопје, во киното „Вардар“, на 6 октомври истата година. Набргу станува и југословенски кандидат за американскиот Оскар, а ги собира и сите други врвни признанија на останатите фестивали и филмски смотри „од Вардар па до Триглав“. Дотогаш ниту еден македонски филм немал постигнато ваков успех на овие простори.
Три децении подоцна, режисерот Столе Попов, актерите Мето Јовановски, Синоличка Трпковска, Гоце Тодоровски, Мите Грозданов, Јовица Михајловски, Младен Крстевски и Киро Симоновски, како и филмските професионалци Панче Мижимаков, Томе Моловски, Петар Богоевски и Тихомир Бачовски – сите вклучени во продукцијата на филмот во 1985-86 година, заедно со публиката повторно го погледнаа филмот, а по проекцијата одговараа на прашања поврзани со неговото снимање.
На прашањето кој е рецептот за добар филм, Столе Попов изјави: „Тоа е исто како да прашате композитор како се пишува композиција или да прашате писател како добро се пишува. Клучот за добар филм е да имате добра приказна, човечка животна приказна и само умешно да ја раскажете преку филмскиот јазик.“ На овој одговор се надоврза и Синоличка Трпкова: „ Со него не може да имате лоши актери, бидејќи тој расчистува со актерите при самиот кастинг, точно знае кој за која улога е соодветен. Не дека јас бев најдобра актерка за да ја играм Нале, но бев најсоодветна и кога ќе ги имаш вистинските актери во вистински улоги, нема утка“. 
Разговорот го модерираше Илинденка Петрушева, кинотечен ветеран на полето на филмската критика и есеистика, добар познавач на приликите во македонската кинематографија во последниве половина век. Беа раскажани неколку анегдоти, изразени длабоки впечатоци, се навратија сеќавања, но и се изнесоа ставови за тогашната и за сегашната состојба во домашната и во светската филмска продукција. Компарациите беа неизбежни, но и пријатната изненаденост од интересот на помладата публика да го види филмот и да се запознае со екипата.
Српските актери Владица Милосављевиќ и Светозар Цветковиќ заради работни обврски не можеа да присуствуваат на оваа јубилејна средба, но испратија кратки обраќања до публиката и до екипата кои беа прочитани, и во кои го изразуваат своето жалење што не се со нив за заедно да се потсетат, пошегуваат, дури „и да јадат пинџур“ (Владица)...
„Драги колеги од екипата на филмот СРЕЌНА НОВА ’49... Сите ние сме среќни луѓе, бидејќи создадовме едно извонредно дело“ – ќе напише Владица Милосављевиќ, додека Цветковиќ порача: „..Вашата желба да го одбележите јубилејот е ваша свест да го препознаете врвниот уметнички квалитет на овој филм кој ќе го воочат и генерациите кои доаѓаат, но и квалитетот на неговите автори, Гордан Михиќ и Столе Попов, како врвен светски режисер, за што ви честитам.“ 
Проектирана беше дигитализирана и дигитално реставрирана копија на СРЕЌНА НОВА ’49, за што директорот на Кинотеката, Бошко Грујоски изјави: „Ние сме посебно горди на овој дигитален формат. Имено, пред неколку години Кинотеката на Македонија заедно со Министерството за култура го дигитализираше целокупниот дотогашен авторски опус на Столе Попов, и го издаде на ДВД, со што стана достапен за пошироката публика.“

Фотографии: