< Назад

СОВРЕМЕН ИРАНСКИ ФИЛМ ВО КИНОТЕКА

  • image description2/23/2017 8:57:27 AM
Од 17 до 21 февруари во Кинотеката на Македонија се одржа настанот Денови на иранскиот филм во чии рамки беа прикажани современи филмски остварувања од оваа кинематографија. Манифестацијата беше отворена со проекција на филмовите ОДНЕСИ МЕ ДОМА (2016), кусометражен документарен филм а воедно и последно дело на еден од најзначајните ирански режисери, Абас Кијаростами, минатата година прикажан и на филмскиот фестивал во Венеција, како и  филмот 76 МИНУТИ И 15 СЕКУНДИ СО АБАС КИЈАРОСТАМИ, постхумно посветен на големиот режисер, кој е во режија на Сејфула Самадијан.
Гости на Деновите на ирански филм беа режисерот Шарам Мокри, режисерката и сценаристка Насим Самани, кои по проекцијата на двата филма во дискусија со македонската публика ја претставија современата иранската култура и зборуваа за предизвиците со кои се соочуваат филмските творци во Иран.
„Документарниот филм што ќе го гледате вечерва е резултат на 25 годишната професионална соработка на режисерот Сејфула Самадијан со покојниот Абас Кијаростими. Господинот Самадијан поседува огромна архива од работата на Абас Кијаростими, но тој одлучи од сите овие снимки да направи еден документарен филм од 76 минути и 15 секунди, на неоткриени моменти од животот и работатата на Абас, како симбол на 76 години и 15 дена од неговото креативното патување на земјата“- изјави режисерот Шарам Мокри.
Во рамките на овој настан во Кинотеката на Македонија беа прикажани уште пет филмови од поновата иранска продукција и тоа: РИБА И МАЧКА во режија на Шарам Мокри, МЕЛБУРН во режија на Нима Џавиди, ПОЛУДЕНИОТ ТОП во режија на Аболхасан Даводи, ОДНЕСИ МЕ ДОМА Абас Кијаростами и ДЕНЕСКА во режија на Реза Миркарими.
Деновите на иранскиот филм се во организација на Кинотеката на Македонија, а во соработка со ирански културни институции и со логистичка подршка на Иранската амбасада во Република Македонија.

Фотографии: