Институционализацијата на кинематографијата е пресудна за развојот на македонскиот филм. Формирањето на претпријатието "Филмско Скопје" резултира со првите документарни филмови во 1947 година. Набргу се формира и првото производствено претпријатие "Вардар филм" кој на почетокот започнува со реализација на серија филмски журнали под назив "Филмски преглед". Македонските филмски автори, и покрај неискуството, мошне бргу го совладуваат медиумот и ги осознаваат документарните жанровски можности.
Развојот на општеството се рефлектира врз развојот на филмското производство, но и врз тематските преокупации. Фабулативноста е зголемена и искористен е играниот сегмент на медиумот со мешање на жанровите, па и на видовите. Појавата на независното продуцентско претпријатие ФРЗ-Скопје (кон крајот на 60-тите и почетокот на 70-тите), најави можна конкуренција во сферата на ова производство. Но, тоа не се случи поради брзото згаснување на ФРЗ.
Документарното филмско производство во Македонската кинематографија постојано се развива. Со своите повеќе од 500 филмски наслови, разновидноста на темите и перспективите, претставува документарна ризница на македонската држава и нејзините поединости. Дел од артистичките документарни филмови наоѓаат место во трезорот на светската кинематографија.
Македонската играна филмска продукција официјално започнува со реализирањето на филмот ФРОСИНА, снимен во 1952 година. Од тогаш, па сe до денес, снимени се вкупно 50 долгометражни играни филмови од кои седум се копродукции. Во овој сегмент на кинематографијата, македонската играна продукција остварува една хомогена творечка структура, проткаена со голем број забележителни филмски дела. Жанровскиот простор и творечките способности на македонските филмски дејци ќе се развијат до оптимална мера. Така, авторскиот сензибилитет во играната продукција стекнува една пресудна функција во конституирањето на филмското дело. Ова го истакнува чувството на авторот за времето и човекот во него. Следното, што го сметаме значајно за овој сегмент на македонската кинематографија е тоа дека и во овој релативно ограничен квантум на филмови, македонските филмски творци успеваат да создадат некои вредни - и за македонскиот игран филм релевантни - авторски циклуси. Во тој контекст, примарно интересирање претставува генеричката форма на филмскиот израз со неговите специфичности.
Што се однесува до кусометражната играна продукција, пак, овој специфичен вид на игран филм имаше и специфична судбина во македонската играна продукција. Така, како резултат на рутинското во филмската експресија, кусометражната играна форма послужи, претежно, како еден вид на едукативен полигон за македонските филмски дејци.
Најзначајна појава за македонската кинематографија во седумдесетите години е анимираниот филм. Македонскиот анимиран филм се развива во неколку аниматорски насоки: карикатуристичка гег анимација, графичко сликарски израз и предметна анимација. Македонската филмска анимација со својот квалитет не остана незабележана од страна на домашната и странската филмска критика. Специфичната тематика и впечатливото структурирање на анимираниот филмски материјал ја постави оваа нова гранка во македонската кинематографија на висок пиедестал во светската анимација. Македонскиот анимиран филм со својата кратка но бурна историја зазема значајно место во македонската кинематографија. Тој имаше и има моќ на креативно-естетски начин да го изрази духот на своето време, егзистирајќи паралелно со играната филмска продукција, но во значаен степен и дополнувајќи ги нејзините недостатоци.
За сите дополнителни информации обратете се во Кинотека на Македонија.