Македонија - од нација до држава

  • image description3/25/2012 12:00:00 AM

Вкупно имаше четири различни историски периоди во развојот на Македонија, односно во процесот на стекнување независност, суверенитет на државата и зачленувањето во Обединетите нации како 181-ва членка. Сите овие периоди се обработени и имаат свое ехо во повоената историја на македонската кинематографија.

Првата суверена држава се појави кон крајот на 10-тиот век и постоеше приближно околу 50 години (969 - 1018) под власта на царот Самуил, кога покрстените македонски Словени се кренаа на востание против византиското владеење. Нивна престолнина стана Охрид, религиозен и културен центар на словенското христијанство. Иако царот Самуил беше поразен во 1014 година од Василиј II (976 - 1025), византиски император на македонската династија (867 - 1056), потомците на Македонците кои живеат денес во регионот можат да ги најдат трагите на својот културен идентитет од пред илјада години. Исторскиот еп на Кирил Ценевски "Јад" (1975) се занимава со тој период.

Вториот важен момент за независноста на македонската држава беше Крушевската република основана со појавата на Илинденското востание на 2 август 1903 година на површина од приближно 10.000 м2 во Крушево и неговата околина во Западна Македонија. Иако востанието траеше само три месеци, а револуционерите беа убиени или затворени, тоа беше од помош при укинувањето на одлуката од 1878 година на Берлинскиот конгрес која овозможуваше Отоманската Империја да ја задржи контролата на Македонија. Всушност, востанието го предвести револтот на младотурците и крајното ослободување од отоманското владеење, иако проблемите со нејзините соседи доведоа до Балканските војни 1912 - 13 г. Најмалку шест македонски играни филма го третираат историскиот период на Крушевската република.

Македонците се здобија со независност по третпат на крајот на Втората светска војна кога на 2 август 1944 година (41-вата годишнина на Илинденското востание) стана една од републиките на Народна Југославија. Следниот половина век, Македонија се разви во културен и економски ентитет. За првпат во современата историја, нејзините граници беа политички определени и обезбедени, и покрај континуираната агитација на соседите за таканареченото "македонско прашање". Во почетокот на поствоениот период од Грција започна масовната депортација на егејските Македонци во затворските кампови во Средна Азија, подоцна следеше миграција на работниците во странство во Западна Европа и емиграционите движења кон Австралија и Северна Америка. Но, и покрај овие оспорувања, Република Македонија направи големи културни чекори во правец на автентичниот македонски јазик и обновата на сите уметности. Како што оваа монографија подвлекува некои детали, Македонската кинематографија во целина - продукцијата на играниот филм, на документарните филмови, и кратките анимации - значително се зголемува со секоја измината декада.

На 8 септември 1991 година, 75% од македонскиот електорат гласаше на референдумот за суверенитет - 95% го дадоа својот глас за целосна независност. На 17 ноември 1991 беше усвоен новиот Устав.

Г-дин Киро Глигоров беше избран за претседател. Пет години подоцна, Република Македонија не само што беше призната од повеќе од 50 земји, туку и разреши многу полемики и склучи договори со сите свои соседи: Бугарија, Грција, Албанија и Србија/Југославија.

Понатаму, таа се истакна и во светот на филмот: "Тетовирање" на Столе Попов (1991), прв автентичен македонски игран филм кој официјално ја претставуваше штотуку конституираната република во 1992 година на Светскиот филмски фестивал во Монтреал и истата година беше номиниран за "Феликс" за европски филм на годината. Во 1994 година, на филмскиот фестивал во Венеција, "Пред дождот" на Милчо Манчевски, британско-француско-македонска копродукција, што делумно беше сниман во охридскиот регион, ја доби наградата "Златен лав".

Денес, филмската продукција во Македонија трпи големи промени. Сé уште, благодарение на националниот престиж на годишните програми на Интернационалниот фестивал за филмска камера "Браќа Манаки" во Битола кон крајот на септември или во почетокот на октомври, македонската кинематографија го зазема своето вистинско место помеѓу светските филмски земји.