Фестивали

  • image description3/25/2012 12:00:00 AM

Резултатите од колективниот труд наречен филмски производ се вреднуваат и се подложни на компетиција уште од самите почетоци на кинематографијата. Покрај филмските смотри, ревии и други презентации, филмските фестивали се јавуваат како натпревар на целокупниот кинестетски израз уште во првата половина на ова столетие. Со текот на времето тие се развиваат, односно се специјализираат според родот (фестивали на играни, документарни, анимирани филмови), според жанрот, па дури и според сегментите на уметничкото творештво кои се застапени во колективната креација наречена филм. Исто така, фестивалите еволуираат и во пазарна презентација и компетиција на вредностите, со што на некој начин поедини фестивали стануваат престижни манифестации од свестки ранг. Самото учество на некој филм на овие престижни манифестации претставува дополнителен бонус за неговите вредности и за неговиот понатамошен пласман.

Република Македонија како федеративна единка на поранешна Југославија, во областа на кинематографијата своите филмски остварувања започнува да ги нуди на заедничките филмски смотри. Тука, пред се, ова се однесува на најстариот филмски фестивал во поранешна Југославија - Пулскиот фестивал. Во 1958 година, Пулскиот фестивал прераснува во „Фестивал на југословенскиот филм“, на кој паралелно, се до 1959 година се прикажуваат и играни и документарни филмови пред две одделни жири комисии. Веќе од 1960 година, вреднувањето на „краткиот метар“ продолжува во Белград, каде се основа „Фестивалот на југословенскиот документарен и краткометражен филм“, продолжувајќи го континуитетот од Пула. На овие фестивалски смотри (во Пула и во Белград), во повеќедеценискиот развој, македонската кинематографија ќе забележи значајни резултати и награди во различни категории. На овие манифестации присуствуваат и еминентни филмски критичари, како и селектори на други меѓународни фестивали, со што, голем број македонски филмови добиваат можност за учество и компетиција на интернационалните фестивали во светот (Оберхаузен, Венеција, Анеси, Москва, Единбург, Авелино и др.).

Во рамките на поранешна Југославија, која беше првата платформа за презентирање и вреднување на филмовите од македонската продукција, се основаа и специјализирани фестивали што ги валоризираа и останатите родови (Светски фестивал на анимираниот филм, кој од 1972 година се одржува во Загреб), како и одделните сегменти на кинематографскиот креативен чин. Такви се на пример фестивалот на артистички остварувања - „Филмски средби“, кој се одржува во Ниш од 1966, фестивалот на филмското сценарио, во Врњачка Бања (од 1977 година), фестивалот на филмската сценографија, костимографија и музика, во Младеновац, фестивалот на филмската режија во Херцег Нови и други, како и Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола, од 1979 година.

Од 1998 наваму, постои и „Интернационалниот филмски фестивал“ во Скопје.