Производство: Мануфактура
Земја на потекло: Република Македонија
Жанр: пародија
Род: Игран филм
Времетраење: 97 минути
Тип: Дигитална технологија
Звук: Да
Во боја: во боја
MM:
Година: 2011
Содржина: „Ова не е американски филм“ е постмодернистичка, автореферентна, метафикциска, метасинематска пародија, делумно раскажана во оф-тон, во која се истражува процесот на филмската нарација и употребата на филмските техники, пред сè монтажата, но и актерската игра и сценаристичката умешност, во креирањето на филмската приказна.
Протагонистите во филмот се свесни за самите себе, односно тие знаат дека се ликови во филм, дека играат, т.е. глумат во филм и се однесуваат согласно со тоа. Така, Шефот, кој е водач на криминална банда од Скопје, во еден миг од филмската нарација, соочен со фатална болест, ја презема улогата на сценарист во филмот и ги диктира понатамошните настани користејќи разни драматуршки техники, со нагласена доминација на драмскиот пресврт.
„Ова не е американски филм“ е всушност прирачник за тоа како се конструира филмска приказна, учебник по филмска нарација, но, во неговата приказна се вткаени и други елементи. Така, покрај сеприсутниот омаж на класичниот американски филм, кој се гледа во присуството на фотографии на славни холивудски ѕвезди и многубројни реплики од филмските класици искажани во оригинал, на англиски јазик од протагонистите, на сличен начин е искажана почит и кон американскиот авторски филм, но, на едно место и кон европскиот филм чии што претставници овде се италијанскиот режисер Серџо Леоне со неговиот шпагети-вестерн „Добриот, лошиот и грдиот“ и рускиот режисер Андреј Тарковски, што може да се види преку кусиот инсерт и алузијата на неговиот филм „Сталкер“.
Исто така, филмот делумно се занимава и со антиколонијалната критика, односно го пародизира местото на доминантната, холивудска, американска филмска индустрија и на нејзините разгалени ѕвезди, компарирајќи ја со македонската филмска продукција, но, паралелно, ја демистифицира и пародизира и американската геополитичка улога во Македонија и во светот, притоа не пропуштајќи да ја жигоса и корумпираноста на македонското општество.
Во филмот се вткаени недобројни интертекстуални референци, а тој истовремено го истражува и односот меѓу филмската лента и дигиталната технологија, но и продуцентската потрага по пари за снимање филмови, при што од ироничната острица не е поштеден ни Филмскиот фонд на Македонија, кој всушност, во најголем дел и ги обезбеди парите за снимање на овој филм.
Филмската приказна се плете околу централниот лик – Шефот, кој предводи банда добродушни бандити од Скопје. Тие имаат намера да ја ограбат Американската амбасада, а за да ја камуфлираат целта, исценираат снимање на игран филм, чиј продуцент е Шефот. Во сложен преплет на „реалноста“ на филмското дејство и „реалноста“ на филмот што го снимаат, „Ова не е американски филм“ стигнува до разрешницата во која Шефот умира од рак и како голема филмска ѕвезда заминува на неговиот посакуван и често сонуван рајски остров, додека бандитите остануваат во Скопје со убави спомени за него.
Напишано од д-р Атанас Чупоски
Автори:
Со финансиска поддршка на Филмски фонд на Македонија, Министерство за култура на Република Македонија.