Производство: Македонска Телевизија
Земја на потекло: Р. Македонија
Жанр: ТВ серија
Род: ТВ Продукција
Времетраење: 32; 39; 39; 42; 45; 43; 39; 40 минути
Тип: Дигитална технологија
Звук: Да
Во боја: во боја
MM:
Година: 1995
Содржина: Документарен серијал, во осум епизоди, по повод 100 години од раѓањето на филмот. За историјата на филмот зборуваат голем број гости, учесници: глумци, новинари, политичари, музичари, филмски работници и други познавачи на филмот. Тие евоцираат спомени од посета на кино салите во Скопје, од грицкање семки до извикување на публиката до кино операторот „Уа шнајдери“, за време на проекција. Секоја од осумте епизоди изобилува со богат архивски материјал и исечоци од филмови.
1.ПОЧЕТОЦИ И РАНИ ЈАДОВИ е насловот на првата епизода. Во неа станува збор за првата проекција во 1895 г. на браќата Лимиер и нивните десет кратки филмови. Потоа следуваат инсерти од филмовите „Патувањето до месечината“ на Жорж Мелиес. Продолжува со Дејвид Грифит, човекот кој ја создаде филмската уметност со инсерти од филмот „Нетрпеливост“. Отстапен и е дел за филмската комедија и немите филмови на Чарли Чаплин. Емисијата завршува со познатиот танц на Чаплин од „Модерни времиња“.
2.ЕВРОПА, ЗДАЈ!, е втората епизода која ги опфаќа германскиот филмски експресионизам, францускиот надреализам и почетоците на хорор филмот. Темите се обработени преку разговори со гости и инсерти од филмовите: „Носферату“, „Метрополис“, „Страдањата на Јованка Орлеанка“, „Наполеон“, „Андалузиски пес“, „Аталанта“ и др.
3.СОВЕТСКИ РЕВОЛУЦИОНЕРЕН ФИЛМ е насловот на третата епизода. Во неа се прикажани голем број документарни инсерти од: Сталин, Ленин, Кралицата Романова и др. Се споменуваат руските филмови кои се прикажувале во скопските кина: „Бесмртна Младост“, „Млада Гарда“, „Војникот Александар Матрасов“. Втората половина е посветена на Сергеј Ејзенштајн и неговите филмови „Крстосувачот Потемкин“, „Александар Невски“, „Иван Грозни“ и „Октомври“.
4. Во епизодата ХОЛИВУД ОД JAZZ SINGER ДО КЕНЕДИ, се зборува за влијанието на Холивуд врз животот на младите во Скопје, во период од триесетите до шеесетите години на ХХ век. Имитирање на познати холивудски глумци, Тарзан фризура. Начинот на облекување и однесување станале вообичаена појава и кај нас. Емисијата е со инсерти од разиграни танчерки, распеани црнци, џез музичари, мажи со пиштоли, девојки со дигнати фустани и многу смеа. Прикажани се плеада на холивудски ѕвезди: Грета Гарбо, Вивиен Ли, Џон Вејн, Хемфри Богарт, Мерлин Монро, Грејс Кели и многу други.
5. WESTERN, епизода за почетоците на вестерн филмовите. Првииот вестерн филм е „Големиот грабеж на возот“ од 1905 година. Овие филмови почнале да ги полнат кино салите во светот и кај нас. Еден вестер филм е невозможно да се замисли без: каубојци, индијанци, пиштоли, кочии, салуни, виски, шерифи, двобои и слично. Како и без иконите на вестер филмот: Џон Вејн, Гари Купер, Хемфри Богат и филмовите „Точно на пладне“, „Непростливо“, „Во седло со ѓаволот“, „Добриот, лошиот и грдиот“ и многу други.
6. Емисија за италјанската, полската, шведската, британската и јапонската кинематографија. Започнува со неореализмот во Италија 1943 г. Се споменуваат голем број на познати глумци, режисери и филмови: Анита Екберг, Федерико Фелини, Роберто Роселини, Софија Лорен, Брижит Бардо, Луиз Буњел, Роман Полански, Кшиштоф Кишловски, Милош Форман, Керол Рид, Ингмар Бергман и филмовите за јапонските самураи.
7. СЕКС – ФИКШН, НАСИЛСТВО И СТРАВ е наслов на седмата епизода од серијалот, посветена на американскиот филм од седумдесетите до деведесетите години на минатиот век. Овој период се карактеризира со напредок во технологијата. Во скопските кина се прикажуваат филмови со 3Д проекција и публиката ги гледа со очила. Филмови кои ги полнат кино салите и благајните: „Роки“,„Терминатор“, „Ајкула“, „Војна на ѕвездите“, „Супермен“, „Индијана Џонс“, „Невестата на Франкенштајн“ , „Кери“, „Осмиот патник“ и многу други.
8. Насловот на последната епизода од серијалот „Уа шнајдери“ е ФИЛМСКИ ФЕНОМЕНИ. Во оваа епизода се зборува за интересни појави пред и за време на прикажувањето на филмовите во градските кина: големите гужви пред кино салите (со полициско обезбедување), познатите шиткачи на карти (тапкароши), грицкањето семки, Брус Ли е жив, голотија, порно ем срамотни работи, кратење на филмовите и поука од партизанските филмови.
Автори:
Уредник: Љупчо Тозија
Учествуваат: Тина, Марио, Гаврош, Живко Поповски, браќата Муаремови, Тодорче Николовски, Никола Ристановски, Петар Арсовски, Димитар Грбески, кројач Ангеловски, Др.Левински, проф. Живко Поповски, Стојанче Талевски-гардеробер, Доста Димовска, Љупчо Тозија, Борис Ноневски, Ѓунер Исмаил, Лабина Митевска, проф. Сидо, Проф. Жико, Љубомир Фрчковски, Ѕвезда Ангеловска, Илија Пенушлиски, Ѓоко Георгиев