Производство: Скопје Филм Студио - Скопје, Eye to eye, Restart
Земја на потекло: Македонија
Жанр: Социјална драма
Род: Игран филм
Времетраење: 99 минути
Тип: Дигитална технологија
Звук: Да
Во боја: во боја
MM:
Година: 2013
Содржина: Хронотопот на филмската приказна се случува во период од една деценија на почетокот на веков, во една хотелска соба и во нејзиниот тоалет во Скопје, во која има заѕидано пијано, кое не може да се извади од собата ни преку прозорец ниту низ врата. Ликовите што дефилираат во филмот се хотелиерот, собарката, неколкуте потенцијални купци на хотелот од Германија, Израел и Русија, на кои сопственикот постојано им раскажува различни приказни за потеклото на пијаното, и неколку пара гости од различно етничко и културно потекло, кои во три наврати престојуваат во собата, при што делумно, во три наративни кругови, може да се проследи расплетот на нивните животни приказни. Само дејството на последната сцена се случува надвор од хотелската соба, на градските улици. Во филмот се зборува на повеќе јазици: руски, македонски, германски, хрватски, турски, англиски, јидиш и српски.
Собарката, која е Русинка, добива дете од врската со хотелиерот, а постојано на мајка ù ù пишува писма во кои ја разубавува реалноста. Нејзините желби за финансиски успех ќе се исполнат во финалето на филмот. Моторџијата Петар и неговата девојка/жена Марта, во младоста во хотелската соба страсно водат љубов и прават планови за иднината, а после десет години се враќаат во собата како средовечни луѓе кои немаат пород, разочарани од животот. Младиот бизнисмен Вучковиќ, кој води двоен живот и се крие од семејството во собата облекувајќи се како трансвестит, по десетина години открива дека е заболен од сида. Камионџиите Турци кои превезуваат пиво, таткото Јилмаз и синот Азиз – повеќепати престојуваат во собата при што доаѓаат до израз нивните генерациски разлики. Јилмаз гине во сообраќајка, а Азиз чувствува грижа на совеста. Двете ученички од Загреб, Гога и Нина во собата прво ја започнуваат, а потоа и ја завршуваат нивната лезбијска врска. Славниот германски хирург Виктор ја убива својата љубовница Ева во собата, по што, по неколку години, заради грижа на совеста, се самоубива на истото место. Некогаш познатиот пијанист – сега бездомник - Дионис Варга, се присеќава за својата љубовна врска од пред 35 години, кога мафијаши, љубоморни на неговата љубов, во собата му ги кршат прстите и ставаат крај на неговата музичка кариера. Тој издивнува во собата, а претходно од пијаното ги вади скриените пари кои на крајот на филмската приказна ги наоѓаат собарката и нејзината ќерка, што ќе им овозможат да отпочнат нов живот, подалеку од хотелот.
Напишано од д-р Атанас Чупоски
Автори:
Главни улоги: Наташа Петровиќ, Игор Стојчевски, Симона Спировска, Торстен Фогес, Ива Крајнц, Дениз Абдула, Јагода Кумриќ, Невена Ристиќ
Сценарио -- Жанина Мирчевска, според мотивите на нејзиниот драмски текст „Dies Irae“
Музика -- Jason Chilly Gonzales