Севкупниот мозаик на една кинематографија го сочинуваат филмовите и нивните автори. Авторскиот дел од тој мозаик и припаѓа целосно на филмската продукција. Токму различните авторски иницијативи и настојувања, сплотени во една целина и го чинат филмското дело автономен изразен феномен.
Генезата на авторската ситуација наполно се совпаѓа со генезата на македонската кинематографија. Така во почетокот на овој век, во Битола, тогашен центар на овој дел од Балканскиот полуостров, живееја и работеа браќата Манаки. Предизвикот, секако, беше многу длабок. Живата фотографија беше тогаш она што најавтентично зборуваше за положбата на луѓето, за нивните секојдневни желби и отпори. Браќата Јанаки и Милтон Манаки, со својата камера Bioscope No.300 стануваа активни учесници во сите историски настани.
Во првата фаза во развојот на македонскиот филм, во почетоците на организираната кинематографија во Македонија (1945), повеќе спонтано ќе се јават првите филмски автори. Така првите филмски работници, како свој професионален ангажман во процесот на изработка на делото, се зафаќаат со повеќе авторски елементи. Во натамошниот тек со се пообемната документаристичка продукција, ќе се создаде и забележителен фонд на филмски автори-професионалци.
Во втората фаза на развојот на македонскиот филм, крајот на педесеттите и почетокот на шеесетите години, се појавуваат низа автори со веќе афирмирани естетски ставови и со заокружени режисерски опуси. Структурата на играниот филм, според својата жанровска природа, поточно според својата кинематографска поетика, најчесто се доближува до една традиционална естетска поставеност. Дејствијата поврзани и опфатени во единствена целина треба да ја изразат идејата која авторот сака да ја наметне како порака. Од еден до друг индивидуален творечки стил, од низа филмови во кој тој стил најјасно и најдлабоко се формира и стилот на една кинематографија, како препознатлив белег и уметнички одраз на времето.Од авторски позиции гледано, се формира една значајна авторска група на режисери, сценаристи и на немал број афирмирани композитори на (специфично филмска) музика. За афирмација на македонскиот филм голема улога имаат и снимателските ангажмани, како и работата на монтажерите, сценографите, костимографите и тон-снимателите. Особено голем број авторски имиња наоѓаме меѓу филмските актери кои претставуваат една специфична целост која, исто така, со текот на кинематографската практика се развива и се кодифицира како неменлив филмски израз.