< Назад

In Memoriam - Љубе Петковски, доајенот на македонската кинематографија

  • image description2/19/2015 12:52:03 PM
Љубе Петковски еден од снимателите-доајени на македонската кинематографија на 16 февруари замина во вечноста како еден од основоположниците на македонската повоена кинематографија. Тој повеќе од четири децении беше една од клучните фигури во современата македонска кинематографија и остави длабоки траги во македонската филмска историја, но, исто така и во српската, хрватската и косовската кинематографија.
Тој своето образование го зaпочнал на Високата филмска школа во Белград, а одреден период поминува во „Јадран филм“ - Загреб и на студиски престој во Франција и Источна Германија. Од 1947 до 1983 година работел во продуцентската куќа „Вардар филм“ - Скопје, по што тој добил статус на слободен филмски работник. Во филмската продукција се појавува и како автор и коавтор на неколку филмски сценарија. Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои: Златна арена за камера во филмот ЈАД на Филмскиот фестивал во Пула (1975), Краковски змеј на Меѓународниот фестивал на кратки филмови во Краков (1979) за филмот ГОЛГОТА, Голема златна статуета Милтон Манаки за животно дело, Награда „13 Ноември“ на градот Скопје, републичката награда „11 Октомври“ и мн. други, како и наградата „Златен објектив“  која во 2010 година му ја додели Кинотеката на Македонија.
Во својата богата филмска кариера како директор на фотографија реализира деведесеттина играни и документарни филмови, а беше и автор и коавтор на неколку филмски сценарија.
Со заминувањето на доајенот Љубе Петковски, Кинотеката на Македонија, македонската културна и општествена јавност, македонската кинематографија и творештвото загубија неуморен работник и човек целосно посветен на својата професија - филмската уметност.