Од 11-16 февруари 2017 година Кинотеката на Македонија, институтот „Конфуциј“ при УКИМ во Скопје, во соработка со диструбутерската куќа „КТ филм и медиа“ соработуваа на претставување на современата кинеска кинематографија преку Деновите на кинески филм.
Деновите на совремниот кинески филм се организираат по повод традиционалниот кинески празник Празникот на фенерите.
По тој повод на отворањето на овој настан во Кинотеката на Македонија се обратја г-ѓа Хуа Јафанг, министер советник во Амбасадата на НР Кина во Мaкедонија, проф-др Денг Шиџанг, директорот на институтот „Koнфуциј“, г-ѓа Ана Блажевска, државен секретар во Секретарјатот за европски прашања, режисерот Саша Станишиќ и г. Владимир Ангелов филмолог во Кинотеката.
На почетокот на посетителите им се обрати г-ѓа Хуа Јафанг при што рече: „Убедена сум дека преку гледањето на кинески филмови, македонските гледачи ќе се запознаат подобро со кинеската културна историја и специфичните точки од животот на кинескиот народ, а исто така и со се побрзо развиената културна индустрија во Кина, која што е една важна област во секојдневното развивање на кинеското општество“.
Директорот на институтот „Конфуциј“ истакна дека освен организирањето и изведувањето на настава по кинески јазик, институтот постојано напорно работи на развојот на кинеско македонското пријателство и интензивирањето на културната соработка помеѓу двете земји и дека Деновите на кинески филм е резултат од овој вид на соработка.
„Јазичната, културната и образовната соработка која преку институтот се воспостави на различни нивоа помеѓу институции , организации и помеѓу граѓаните е од непроценливо значење за натамошното јакнење на одличните односи на двете земји“, рече г-ѓа Ана Блажевска.
Режисерот Саша Станишиќ изјави дека „Kинеската кинематографија е една од највозбудливите национални кинематографии и ни овозможува да го почувствуваме здивот на змејот кој во моментов го движи во светот“.
„Кинотеката e секогаш отворена да ги доближи светските кинематографии до домашните филмофили и да го задоволи нивниот префинет вкус со избор на репрезентативни наслови од истите” истакна г. Владимир Ангелов.
Во рамките на овој настан на Кинотеката на Македонија ќе бидат прикажани пет филмови од современата кинеска кинематографија, преку кои ќе може да се види неодоливиот и непосреден дух на современа Кина.