Производство: Nieuwe Media Produkties, во соработка со: YC Aligator Film; Tchin Tchin Production; „Вардар филм“; Canal + / VRT; Македонска телевизија
Земја на потекло: Република Македонија, Белгија
Жанр: Историско-социјална драма
Род: Игран филм
Времетраење: 100 минути
Тип: Филмска лента
Звук: Да
Во боја: во боја
MM: 35
Година: 2001
Содржина: „Освета“ е филм во кој се истражува односот на современа Западна Европа кон балканската традиција на крвна одмазда, стара со векови, но, истовремено се истражува и (не)можноста за разбирање меѓу две различни култури. Филмот, преку два наративни текови паралелно раскажува две приказни што се случуваат во две различни времиња на нарацијата. Во сегашното време на нарацијата, преку приказната за Орхан, млад Турчин од Македонија кој доаѓа во Брисел со намера да го убие Павел, синот на убиецот на неговиот дедо Осман, и неговото влегување во врска со ќерката на Паул (Павел) – Елза, се регистрираат контрадикторните чувства на младиот Турчин, растргнат меѓу традицијата (должноста за извршување акт на крвна одмазда) и сегашноста (среќна љубовна врска).
Во минатото време на нарацијата, што се случува кон крајот на XIX век, се истражуваат етничките, социјалните, верските, политичките, но и човечките аспекти на односот меѓу двајца браќа сиромашни Македонци, христијани, од една страна и тројца браќа богати Турци, муслимани, од друга, чии семејства преку братимењето на двајца нивни членови – Турчинот Осман и Македонецот Митре, стапуваат во взаемна врска.
И во едната и во другата приказна доминира проблемот на човечноста и нечовечноста, довербата и предавството, и на одмаздата, како краен чин на дејството, кој ги поврзува двата наративни тека и така потврдува дека историјата може да се повтори. Во минатото време на нарацијата, високоморалниот Митре одбива да го предаде војводата Александар за да го спаси Ислам, братот на побратимот Осман, но, принуден е да го предаде војводата за да го спаси од заложништво внукот од брат Павел, свесен дека тоа ќе го плати со животот. Во сегашното време на нарацијата, Орхан се одлучува да го исполни заветот на предците и да го убие болниот Паул, кому и така не му останува уште многу од животот, што чинот на Орхан го прави уште поапсурден. Се разбира, Орхан тоа го плаќа со прекинување на љубовната врска со Елза, ќерката на Паул.
Напишано од д-р Атанас Чупоски
Автори:
Режија: Јан Хинтенс
Сценарио: Јан Хинтенс; Боб Хусенс
Директор на фотографија: Луј-Филип Капел; Глин Спекарт
Монтажа: Филип Руве
Продуцент: Јан Хинтенс; Ерик Ван Берен
Музика: Бо Спенк
Сценографија: Лудо Волдерс; Миле Младеновиќ
Костимографија: Кло Лејар
Тон: Дан Ван Бевер; Кристин Чарпаил
Дијалози: Слободан Деспотовски; Јан Хинтјен; Боб Гусенс
Микс: Билфред Ван Бален
Улоги: Рик Ван Уфелен, Ан Еш, Кристоф Виен, Мемет Улусои