< Назад

Панкот не е мртов

Производство: Punk Film Production; Vitagraf – Белград; во соработка со „Наше маало“ и Младински културен центар

Земја на потекло: Република Македонија

Жанр: социјална драма

Род: Игран филм

Времетраење: 100 минути

Тип: Дигитална технологија

Звук: Да

Во боја: во боја

MM:

Година: 2011

Содржина: „Панкот не е мртов“ e црна комедија/„патувачки (road movie) филм“ чие дејство се случува во почетокот на 21 век на повеќе локации. Низ реалистичен дискурс за подостарени панкери се отвораат повеќе актуелни теми во македонското општество: транзициската реалност, маргинализираноста на субкултурата, меѓуетничките односи меѓу Македонците и Албанците, но и однесувањето на претставниците на т.н. „меѓународна заедница“ во Македонија. Филмската приказна, преку зачестена оф-тон нарација на главниот лик Мирса во која преку солилоквиум се соопштуваат неговите размислувања за одредени теми, ликови и настани од минатото и сегашноста на филмската приказна, но и преку нарација во сегашното време на приказната, преку портретите на неколкуте главни и споредни ликови, ја раскажува приказната за повеќемина урбани мажи и жени од главниот град на Македонија – Скопје, панкери, бунтовни анархисти, членови на панк-групата „Работничка терапија“ и нивната конфронтација со околината, нивната борба за слобода на различност, која тие ја изразуваат преку размислите на главниот лик: „Ние сме најкомити од сите – слобода или смрт“.
Филмот ја раскажува приказната за патешествијата и повторното собирање на бендот по седумнаесет години неактивност, при што главниот лик, четириесетгодишниот панкер и ситен дилер на дрога Мирса и неговата девојка Нина, заедно со верниот другар од бендот Љак, патуваат во Србија и Босна за да ги соберат Жути, Мими и Паша кои таму живеат од поодамна, и да настапат во Дебар, пред публика несоодветна за панк концерт оранизиран од американска невладина организација задолжена за промоција на мултикулура, со посредство на пријателот на Мирса, дилерот Албанец Г’зим наречен Џеро. Филмот интертекстуално реферира на војните во поранешна Југославија, но и на краткотрајната војна од 2001 г. во Македонија меѓу Македонците и Албанците, а неговото дејство се случува во чувствителниот период непосредно по овој настан. Во Дебар, на концертот, панкерите едвај се спасуваат од разјарената толпа Албанци, но, затоа пак во Скопје не можат да избегаат на мотките и тупаниците на Македонците, на разбеснетата навивачка група „Комити“, кои ги казнуваат затоа што „свиреле за Шиптари“ и им го убиваат жабецот Фердинанд, маскотата на бендот.
Во филмот се зборува на македонски, албански, англиски и српски јазик, а во завршната сцена вистинските „алтернативци“, различни од националистички индоктринираната маса, без разлика дали се Македонци (Мирса, Нина, Љак, Мими), Срби (Жути), Босанци (Паша), Албанци (Џеро) или Роми (трубачот Сали по „директива“ на американските мултикултуралисти му се придружува на бендот), сепак остануваат заедно, на вистинската страна, на страната на слободата, со што се потврдува геслото од насловот на филмот: „Панкот не е мртов“.

Напишано од  д-р Атанас Чупоски

Автори:


Други соработници :
соработници на сценарио -- Дарјан Пејовски, Вардан Тозија
костимографија -- Илина Ангеловска

Филмот е реализиран со финансиска поддршка на Филмскиот фонд на Македонија и Филмскиот центар на Србија.