< Назад

Златна петорка

Производство: Revolution Production, Art & Popcorn Motion Picture Company, МРТ, со финансиска поддршка на Агенција за филм на Република Македонија.

Земја на потекло: Република Македонија

Жанр: историска драма

Род: Игран филм

Времетраење: 84 минути

Тип: Дигитална технологија

Звук: Да

Во боја: во боја

MM:

Година: 2016

Содржина: „Златна петорка“ е реалистичен филм чие сценарио е работено според новелата и драмскиот текст „Расцепен ум“ на Братислав Ташковски, кои пак се инспирирани од вистински настан: ликвидацијата на петмината струмички студенти – „Златната петорка“, приврзеници на идејата на ВМРО за независна Македонија, во 1951 г., од страна на тогашната (про)југословенска комунистичка власт.
Во филмот наизменично се испреплетуваат два наративни тека кои паралелно ги раскажуваат животните приказни на петмината струмички студенти непосредно пред ликвидацијата и животните приказни на преживеаните протагонисти педесетина години подоцна.
Имено, во 2015 г. во Струмица, по повеќе од педесетгодишно отсуство, се враќа Алавантие Донски, емигрант во Австралија и пријател на петмината студенти, за да присуствува на меѓународна научна конференција. Тој со себе носи и досие за петмината студенти откриено во архивот во Белград, од кое јасно се гледа дека предавник на петмината студенти бил нивниот пријател Џиџи Станко. Џиџи е локален моќник во Струмица, сопственик на хотел, кој со својата жена Ката се грижи за болната внука Стефанија, откако ќерка му и зет му загинале во сообраќајна несреќа. Ката пак е некогашната свршеница на Маки, водачот на „Златната петорка“, шармантен студент ликвидиран пред повеќе од педесет години.
Низ двата тека на филмската нарација, во нарација „во живо“ и во солилоквуим – гласно размислување на Алавантие, полека се откриваат животните приказни на протагонистите: Маки и неговите другари, студентите Тони, Лева, Крап и Бистри, кои читаат забранета литература и печатат летоци против власта, придружени од Алавантие и Џиџи, кои ја преживуваат кобната ноќ така што Алавантие бега преку граница, а Џиџи поткажувајќи ги своите другари на братучетка му Дотка Загариева, тогашен секретар на Комунистичката партија и на тогашниот началник на УДБА за Струмица  - Ламариниќ.
Ката не знае ништо за улогата на маж ù Џиџи во настаните поврзани со ликвидацијата на петмината студенти и во расплетот на филмската приказна Алавантие ù го предава досието каде што улогата на Џиџи е сосема разоткриена. Сепак, приказната завршува со затворен, среќен крај, во кој Џиџи, при откривањето на споменикот на „Златната петорка“ во Струмица, пред камерите ја признава вината оправдувајќи се со стравот од пиштолот на Загариева и со својата наивност и лекомисленост затоа што претпоставувал дека другарите само ќе ги заплашат, а не дека ќе ги ликвидираат, по што заминува во прегратка на сопругата Ката, која очигледно му простила и оздравената внука Стефанија.

Напишано од д-р Атанас Чупоски

Автори: