Производство: History Dreams/ena Film/Fandango Production; Shadow Films; South Fork Rictures; Министерство за култура на Република Македонија
Земја на потекло: Република Македонија
Жанр: Драма, Вестерн
Род: Игран филм
Времетраење: 127 минути
Тип: Филмска лента
Звук: Да
Во боја: во боја
MM: 35
Година: 2001
Содржина: „Прашина“ е вестерн-пародија, “eastern western” или „баклава вестерн“ (Милчо Манчевски). Овде постои своевидна трансгресија на жанрот, затоа што, како што главниот лик Лук мигрира од Запад (Америка) на Исток (Македонија), така и жанрот трансгресира од „вестерн“, во „истерн“. Оттаму, „Прашина“ е „истерн вестерн“, во кој се бришат границите меѓу Западот и Истокот.
Филмот е историографска метафикција во која се порекнува историјата и се проблематизира нејзината неутралност, а покрај тоа што ја раскажува приказната, кажува и како таа е конструирана. Во филмот паралелно се раскажуваат две приказни од две различни времиња. Во постмодернистички манир едното време „се чита“ преку другото и обратно. Првата приказна го симулира „вистинскиот“ екстрадиегетски живот во Њујорк, во 2001 г., а втората приказна има исто така конкретен историски хронотоп – Македонија 1903 г., пред Илинденското востание. Мултипликацијата на хронотопите создава ефект на безвременост или омнитемпоралност. Филмот, согласно неговата постмодернистичка поетика, си поигрува со жанрите, пародирајќи го и деконстриуирајќи го американскиот мит за каубоите, преку еден од најпопуларните облици на прикажување на американската историја - вестернот, но истовремено го деконструира и митот за Балканот, и тоа на повеќе нивоа.
Во „Прашина“, отсуството на психологизацијата, а со тоа и елиминација на класичната идентификација и надредувањето на херојот на приказната е заменето со симултана егзистенција на множество ликови распоредени во две приказни. Главни протагонисти се два пара ликови: старицата Анџела и крадецот Еџ во сегашното време на диегезисот, и во „раскажаната“ приказна, во минатото, двајцата американски каубои од Оклахома - Лук и Илајџа. Имињата на главните ликови одговараат на нивните карактеристики: Афро-американецот е Еџ, што значи „раб“, и тој е човек кој постојано се наоѓа на работ, должи пари, за што може скапо да плати. Анџела е неговиот ангел чувар. Таа, откривајќи му каде се скриени турските златници, го спасува од уцената на корумпираните полицајци. Лук и Илајџа имаат амблемски, „македонски“ имиња: Илјаџа е Илија, а Лук е Лука.
Лук е главен лик во втората приказна. Тој е авантурист, ловец на уцени, љубител на пари и жени. Илајџа е негова спротивност, смирен и сталожен, добар познавач на Библијата. Заедничка карактеристика им е што и двајцата се брзи на револверите. Од „македонските“ ликови, ликот на Неда намерно е претставен идеализирано и малку клиширано, како патријархална домаќинка и верна, пожртвувана жена. Таа го негува Лук, а вљубена е во Даскалот. Даскалот и Лук се ривали кои взаемно се почитуваат. Лук, заради Неда го спасува нејзиното новороденче, се жртвува и загинува. Брат му Илајџа го спасува новороденчето Анџела и го носи во Америка. Неда му замерува на Лук дека убива само за пари, тој ù одговара: „Вие да победевте, поарни ќе бевте од Турците?“. Тенденциозно иронизираната слика за декаденцијата на османлиското општество во овој филм е прикажана во сите сцени во кои се јавуваат Турците, гротескно насликани како крвопијци кои уживаат во насилство. Но, „Прашина“ не се занимава со демитологизирање само на „непријателите“, туку исто така и со она на „хероите“, па така Даскалот, водачот на македонските комити, е портретиран како немилосрден одмазник, кој во еден кадар безмилосно му го прережува гркланот на немоќниот непријател.
Напишано од д-р Атанас Чупоски
Автори:
Други соработници :
Продуценти -- Крис Оти, Весна Јованоска, Доменико Прокачи
Директор на фотографија -- Бери Акројд
Костимографи -- Ен Кребтри, Ен Јандрицко
Менаџер на локации -- Роберт Јазаџиски
Главни улоги:
Џозеф Фајнес
Дејвид Венам
Адриан Лестер
Ен Броше
Розмари Марфи
Постер:
